Ајде да раскажеме приказна на поинаков начин-ЛИСИЧКАТА ПЛЕТАЧКА

 

Приказните ги разубавуваат деновите, но и  сонот е полесен доколку денот заврши  со убава приказна.

Овој пат еве предлог приказна напишана во рима, полесно се памети и детето преку неа  може да научи дека некои зборови можат да бидат слични по форма т.е. да се римуваат или да се совпаѓаат како што се случува во песничките. Можете заедно со вашето дете да си измислувате „песнички„  на разни теми или гатанки кои ќе бидат вака римувани.

Есента си оди , бррр, застудува,

Една лисичка си мисли, си набљудува.

Зима еве иде, секому му треба шал,

да почнам да плетам , да не му студи сал.

Побара лисицата торбуле со конци,

ќе плете шалчиња со заштита од молци.

На животинките шумски мерка им зеде,

со метро в рака задоволно ќе преде.

Тргна Лиска весело да плете, клопчиња шарени да бара,

лево, десно се вртка, најде само макара!

Торбулето дома никаде го нема,

Се збуни и го бара, каде ли го снема?

Сега без конци се туфка што да прави:

„ Им ветив на сите шалчиња мали! „

Горко си заплака лисичката мила,

Со опашката нежно солзи си скрила.

Одеднаш нешто се сети,

знае, ќе го оствари она што го вети.

Од опашката своја извлече конци,

направи шалови, капи со ѕвонци.

За ежето Снеже, топлинки сиви,

за верверичката Верка ракавици фини.

На дабот висок елече му стави,

еден куп шубарчиња за срнчиња мали.

Шалче за Мецана, со боја на мед,

за бувчето капче ко што е ред.

На зајковците мали греачи за уши,

па колку сака ветрот нека фучи!

Целата шума со радост ја сплете

и за тебе оваа песничка драго дете.

Задоволна и среќна

Лисичка се смешка,

ја стопли цела шума

без ниедна грешка.

Смалената опашка неа не ја мори,

До лето ќе и порасне

за шалчиња нови!

Во приказната сретнавме многу интересни зборови што можеби се сосем нови за вашето дете, да видиме:

- молци

-животинки

-торбуле

-мерка

-преде

-макара

- се туфка

-вети, ветува

-шубара

-мори

Ви предлагам неколку активности поврзани со приказнава:

-Приказна што се врти

На лист хартија претходно исечен во облик на круг, со еден дел пр.третина исечен, нацрајте ја лисицата плетачка како главен лик на оваа приказна. На друг круг потполно ист како првиот, но  цел, ќе нацртаме неколку  сцени од приказната или позначајните делови од приказната. Целиот круг е одоздола, исечениот круг врз целиот круг. За полесно вртење на горниот круг, ги спојуваме на средината со патент или нешто слично. Заедно со детето изработете ја својата омилена приказна на овој начин и потоа раскажувајте ја.

-Игра со макарони

1.За оваа активност потребни ви се макарони. Подобро е да се прави, но може и во друг облик. На рамна подлога може да направете разни облици со нив само да ја вклучите фантазијата и забавата заедно со вашето дете може да почне. Да направиме куќа, сонце, дрво, голем шал за Мецана итн. Макароните исто така може и да ги обоиме па приказната да стане шарена , употребете ги боичките што ги имате низ дома (фломастери, темперни и сл.)

-Час по плетење

Покажете му на своето дете како се плете, ако не знаете вие, научете заедно со својата мајка или некој постар член од семејството што ја знае оваа вештина. Плетењето се нарекува умствена јога, делува смирувачки, детето ќе научи нешто ново, не мора да научи да плете, но може да разговарате во врска со тоа , да му раскажувате како порано не можело се да се купи во продавница, немало од секогаш машини за шиење и плетење туку луѓето сами изработувале и креирале.

-Игри со шарена волница

Со волница што ја имаме дома или може да ја позајмиме од некој може да си играме до бескрај. Ќе ни биде потребно само уште ножичка. Може да направиме цел цртеж само со волница , еве пример:

-Приказна од копчиња

Исто како со волницата, сега да обидеме да направиме приказна од копчиња или само да правиме разни облици од нив. Пример облик на мечка, понатаму со нив може да ги учиме бројките, буквите , да си го „ напишеме„ своето име итн.

Преку овие активности се овозможува поттикнување на целокупниот развој кај децата, почнувајќи од развојот на фината моторика и сензомоторниот развој . Детето преку читањето има можност да научи нови зборчиња, а со раскажувањето да се поттикнува полесно да си ги изразува своите мисли. Низ игровните активности ја развиваме детската креативност и фантазија, а воедно и процесот на учење и совладување на некои вештини.

Активноста е предлог на воспитувач Б.Атанаскова

За крај поздрав преку една песничка.

Контактирајте нé

Детска Градинка Астибо © 2021 All Rights Reserved
chevron-down