Здраво деца
Најпрво да ве прашам нешто. Ако некогаш сте копале во земја сигурно сте нашле едни долги, кафеави, лигави мали животинчиња кои живеат таму. Тоа се црвчињата.
Знам дека ќе кажете дека се можеби страшни и лигави, но верувајте ми тие се многу вредни и после денешната активност ќе ви се допаднат.
Сигурно ќе помислите дека црвчињата се инсекти, но не се. Да се потсетиме кои се карактеристики на инсектите: шест нозе, тело составено од три дела и обвиткано со тврда обвивка, додека црвчињата имаат мазна кожа, телото им е составено од многу делови кои личат како залепени прстени, а на секој дел има мали влакна кои речиси и не се гледаат. Тие имаат многу силни мускули. Со стегање на мускулите нивното тело станува потенко и подолго и со помош на влакненцата кои претходно ги спомнавме се туркаат на напред.
Ајде обидете се и вие. Ползете како црвчиња. Ќе биде мноооогу забавно!
(Кој има можност, двор, може и да си ископате црви, па да ги набљудувате со лупа и да истражувате)
На почеток ќе ви прочитам една приказна... (за родителите: ставете ја раката во чорап при читањето на приказната)
Вили црвот
Си живееше еден црв со име Вили. Тој не сакаше земја и кал како другите црвчиња.
- Уу колку мразам земја! – велеше Вили.
Неговите пријатели не разбираа како може Вили да не сака земја.
-Што не е во ред со него – се прашуваа тие.
Другите црвчиња се бањаа со кал, но не и Вили, тој се бањаше со чиста вода. Другите црвчиња си копаа свои тунели, но не и Вили, тој им плаќаше на своите другари да ископаат тунел за него. Другите црвчиња си ползеа низ своите тунели, но не и Вили, тој се возеше со својот сјаен, црвен автомобил низ нив. Другите црвчиња се облекуваа во земја, но не и Вили, тој се облекуваше во убава облека.
Еден ден кога Вили се враќаше од училиште почна да врни дожд.
– Оооо не, дождот ќе го уништи мојот нов шал! – извика Вили.
Другите црвчиња си играа во свежата кал и не се грижеа дали ќе се извалкаат. Па тие обожаваа мека кал.
– Колку ни е забавно – се смееја тие.
Но Вили не ги гледаше. Беше толку исплашен од дождот да не му го уништи шалот што само гледаше побрзо да избега и викаше:
- Уф, уф, мојот шал, мојот шал!
Набрзо го здогледа својот автомобил.
-Конечно се спасив – си помисли и побрза да стигне до него. Но наеднаш се слизна и ШЛАП... пропадна во меката кал. Вили почна да вика и да плаче. Го слушнаа другите црвчиња и исползија до него да му помогнат. Но кога го видоа Вили неможеа да издржат и почнаа силно да смеат:
- Па ти си целиот покриен со кал – извикуваа низ смеа тие.
И Вили почна да се смее. Всушност и него му се допадна калта. Беше многу мека и ладна.
-Па калта воопшто не била толку лоша – рече Вили.
- Ти рековме – рекоа неговите другари скокајќи во меката кал. Сите заедно продолжија да си играат во калта и да се забавуваат.
Сега земете една пластична чаша, направете и дупка на дното за да им го собери показалецот на децата, наполнете ја чашата со велигденска трева, може и да се украси чашата со цветчиња и поттикнете ги да ви ја прераскажат приказната.
А сега ајде да си играме!
Шарени шпагети
Готвењето со деца помага да ги совладаат математичките способности и им помага да научат како да следат инструкции, а исто така овозможува и добар разговор.Поставувајте им многу прашања да ги поттикнете на разговор, но секогаш внимавајте тие да бидат убаво формулирани.
Сварете шпагети, потопете ги во боја, а потоа влечете ги по лист хартија да остават траги.
Пронајди ги црвчињата
Активноста им помага да истражуваат, да истрајуваат до крај да ги завршат задачите, да ги развиваат малите мускули во нивните дланки.
Обезбедете им на децата земја(од саксија кој нема двор или евентуално мелени бисквити). Знам дека ќе биде малку неуредно, но обезбедете им и метлички и лопатки дури и правосмукалка, да се научат дека треба да си го исчистат нередот што ќе го направат. Потребна и е и волница (по можност кафеава) и ножички. Дозволете им сами да ги исечат црвчињата од волницата,а Вие затрупајте им ги во земјата. Кога ќе ги пронајдат можат да ги избројат, да ги наредат по должина...
Сложувалки
Оваа активност ќе им помогне да ја развијат логиката, ситната моторика, да го усовршуваат сечењето со ножичка.
Објаснете им на децата како да нацртаат неколку црвчиња (издолжена крива затворена линија) во една или во неколку бои. На едниот крај нека нацртаат очи. Потоа нека ги исечат, па поделете ги на неколку делови (пузли). Нека ги состават црвчињата. На едно од црвчињата може да им го напишете името (секоја буква на посебен дел) па тие да си го состават или на буквите од своето име и презиме да ги претворат во црвчиња, со тоа што ќе им нацртаат очи и глава.
Ајде да ползиме како црвчиња
Оваа активност помага да одржуваат рамнотежа, да ја развиваат мускулатурата додека се забавуваат.
Направете полигон каде ќе можат децата да се провлекуваат како црвчиња, под стол, околу него, низ тунел (послан чаршав преку трпезариска маса)и сл.
Забавувајте се!
Чие црвче е побрзо?
Оваа активност помага да ја развиваат ситната мототрика, да ги користат прстите и дланките на двете раце за да ракуват со ножичка, да развиваат координација помеѓу окото и раката, ја развиваат способноста да превиткуваат хартија, да ја развиваат усната шуплина за развој на говорниот апарат.
Обезбедете две танки ленти од десетина сантиметри по можност од хартија во боја, а може и обоени. Превиткајте ја лентата на половина, а потоа и двете половини на половина па на четвртина. На едниот крај нацртајте очи. Готовите црвчиња ставете ги едно до друго и почнете со дување низ цевчињата. Натпреварувајте се и забавувајте се!
Оваа активност е наменета за деца на возраст од 3-4 и 4-6 години
Ни овозможува развој на логиката, математичките способности, збогатување на фондот на зборови и развој на говорот, поттикнување на способноста за прераскажување на слушнатото, моторички развој, како на грубиот развој така и на фината моторика, подобра координација око-рака, поттикнување на интерес за истражување и истрајност во извршувањето на задачите до крај, а го поттикнува и социо-емоционалниот развој кој е еден од клучните аспекти и има силно влијание врз развојот на личноста и успехот во подоцнежниот живот.
Активноста е предлог на воспитувач Ц.Наковска
За крај на активноста една весела песничка Уживајте!