Ние сме тоа што го јадеме - изборот е наш!

Секој што ќе има можност да ја разгледа оваа публикација, ќе  се запознае со активностите кои вработените и децата од  детската градинка „Астибо“ , секојдневно ги практикуваат со цел да се стекнат навики за правилна исхрана кај децата од најрана возраст, начин на консумирање на храната, количините потребни во секојдневната исхрана  и  други насоки и информации важни за родителите, 

МАЈКА : Ајде синче мамино, јади. Мама само за тебе подготви спанаќ со јајце.

ДЕТЕ: Не сакам!

МАЈКА: Касни барем малку! Зарем попусто готвев?

ДЕТЕ: Не сакам и не сакам!

МАЈКА : Добро, тогаш да ти дадам млеко со бисквити….

ДЕТЕ: Не

МАЈКА : Да ти направам еден тост, ќе јадеш ли?

ДЕТЕ: Нема да јадам?

МАЈКА : Сакаш ли кроасан?

ДЕТЕ : Не сакам!

МАЈКА : А да ти намачкам путер?

ДЕТЕ . Неееее

МАЈКА : А еурокрем?

ДЕТЕ – се мурти и одмавнува со главата

МАЈКА : А хамбургер со кечап и мајонез?

ДЕТЕ : Не и не!

МАЈКА . Јувки ти се јадат…Погодив нели?

ДЕТЕ : не, не и не!

МАЈКА . Ама сине, мора нешто да јадеш. Цело претпладне ништо не си ставил в уста…Барем, барем …едно јаболко да ти излупам?

ДЕТЕ : Какво јаболко?

МАЈКА: Добро де , мамино, ајде кажи ми што сакаш да јадеш? Кажи !  Ако нема дома, да одам да ти купам!

ДЕТЕ : Сакам…сакам…Знаеш ли што?

МАЈКА : ( со раширени раце) Кажи, сине мамино!

ДЕТЕ . Сакам….сакам, спанаќ со јајце!

МАЈКА : Спанаќ? Со јајце? Па нели  прво тоа ти го понудив а ти не сакаше?

ДЕТЕ : Да така беше. Не сакав затоа што ти ми го одбра како јадење. …. Јас сакам сам да кажам што ми се јаде.

Александар Кујунџиски

Почитувани родители,

веројатно честопати сте имале можност да се најдете во ваква или слична ситуација, кога вашите деца имаат различни желби во однос на храната која треба да ја консумираат. 

Вработените во детската градинка „Астибо“ од Штип,  веќе триесет и осум години   посветено ја вршат својата дејност, водејќи сметка и за квалитетот на исхраната на децата согласно позитивните законски регулативи, за правилен раст и развој на децата од предучилишна возраст. 

Долгогодишното искуство и многубројните истражувања кои сме ги реализирале , нé поттикнаа , добиените податоци да ги претставиме во оваа публикација.

Потребата од поттикнување и создавање на навики за правилна исхрана кај децата од најрана возраст е многу важно, затоа што стекнатите навики од мали нозе ќе му овозможат на детето правилен раст и развој во иднина без појава на зголемена телесна тежина, која пак е еден од ризик факторите за појава на промени во здравјето кај детето.

Мерењето на телесната тежина и висина кај децата, редовно се спроведува во нашата установа кај децата од три до шестгодишна возраст, додека испитувањата   според ИТТ – ( индекс на телесна тежина), кој што е веродостоен индикатор за зголемената телесна тежина – дебелина, е спроведено кај децата од голема група (5 – 6 годишна возраст) што покажува дека секое петто дете има зголемена телесна тежина.

Мерењето на развиеност на стапалото преку земање на отпечаток – плантограм, кое е спроведено кај децата од четири до шестгодишна возраст покажува дека секое шесто дете има  отстапување  во развојот на стапалото – рамно стапало. За превенција и правилен развој на стапалото , во соработка со УГД „ Гоце Делчев“  – Висока здравствена школа – отсек физиотерапевти, организиравме едукативна работилница за родители и вработени, кои што добија насоки за практикување на забавни игри – вежби за правилен развој на стапалото, но и севкупен правилен раст и развој на детето.

Задолжителните систематски прегледи на забалото кај децата од 5 -6 годишна возраст, годината пред поаѓање во прво одделение, се прават со цел да се стекне навика за правилно одржување на хигиена на усната шуплина и органите во неа, затоа што здравата насмевка , естетскиот изглед на здравите заби ја поттикнува самодовербата кај децата од најрана возраст.  Негувањето и чувањето на здравјето на забалото и устата е важно за севкупниот развој на детето, затоа што болните заби се извор на инфекции кои може да доведат и до посериозни нарушувања на здравјето на детето во подоцнежниот период. 

Во соработка со УГД„Гоце Делчев“ –  Факултет за туризам и бизнис логистика, асс. Душица Санева, подготви прашалник преку кој може да се видат навиките на родителите и децата од повеќе аспекти , кои пак понатаму треба да имаат влијание во развојот на децата. 

Анкетниот прашалник беше даден на 120 родители, а на истиот одговорија 106 родители, за што им упатуваме благодарност за покажаната соработка. 

Прашалникот кој следи во прилог ни дава резултати за тоа какви се навиките за правилно консумирање на храна, што најчесто децата добиваат во домашни услови од прехрамбени прозводи во поширока смисла – количини и вид на  млеко и млечни производи  , месо и месни преработки, леб и бели печива, конзервирани производи, пијалоци – безалкохолни, кондиторски производи, чипсови, соленки, овошје и зеленчук и други производи…….

Контактирајте нé

Детска Градинка Астибо © 2021 All Rights Reserved
chevron-down