„Убавиот збор железна врата отвора“
„Доброто со добро се враќа“
Прочитајте ја заедно со вашето дете оваа волшебна приказна, една од многуте бајки од нашето народно творештво преку која ќе научат нови зборови, ќе ја разбудат нивната фантазија и ќе го поттикнат размислувањето... Децата ќе ви поставуваат многу прашања околу приказната што им ја читате или раскажувате, обидете се да им одговорите на истите соодветно. Откако ќе ја прочитате еднаш или повеќе пати, пробајте да ја раскажувате заедно, поставувајќи им прашања или оставајќи ги сами да ги составуваат речениците. Повелете, уживајте!
Си беше еднаш една жена и си имаше две ќерки: едната беше нејзина, родена ќерка, а другата и беше паштерка, ќерка на мажот и.
Својата ќерка многу ја сакаше, а паштерката ич не ја милуваше, само ја караше и и даваше да работи, како да е слугинка. Но, колку повеќе ја тераше да работи, толку повеќе паштерката раснеше во здрава, силна и убава девојка.
А пак нејзината родена ќерка, која не мораше ништо да работи и по цел ден одмараше, целата беше сува и слаба, бледа и неубава да ја гледаш.
Маќеата мислеше и коваше злобни планови, сакаше да се ослободи од паштерката, па не знаеше што да смисли и какво зло да и направи за да остане само нејзината ќерка.
Една вечер и падна на памет, кога мажот и беше на пат, да ја пушти да донесе вода од чешмата, што беше далеку во шумата.
До чешмата имаше едно ветерничаво дрво под кое, како што се прикажуваше, се собираат ветриштата, а наминуваат разни други натприродни суштества, па се понадева дека ќе ја грабнат паштерката и ќе ја однесат и веќе никогаш нема да се врати.
И така, длабоко во ноќта, тргна кутрото девојче до чешмата за да наточи вода.
Кога дојде до дрвото, виде дека под него седат единаесет мажи и една стара жена, наредени во круг. Мажите беа и стари и млади, и ниски и високи, и лични и помалку лични, а едниот од нив беше најнизок од сите. Старата жена беше смуртена и непријатна, а таа всушност беше Баба Марта, а мажите, пак, беа другите единаесет месеци. Најнискиот маж беше впрочем најкраткиот месец во годината- Сечко, или како што го знаеме денес Февруари.
Кога ги здогледа девојчето малку се исплаши, но потоа се созема и ги поздрави: „Здраво-живо чичковци, добра вечер тетко, како сте, што правите?“
„Добра вечер девојче“, ѝ рекоа месеците, „арни сме, еве малку да одмориме. Туку, ти што бараш во ниедно време на чешмава? Зар не ти е страв сама низ шумата?“
„Ех, чичковци, тетко... Страв-не-страв, тоа е. Маќеата ме пушти да одам по вода, а јас, како што ми има кажано татко ми, морам да ја слушам во сѐ и да ја почитувам.“, им одговори девојчето.
Месеците се погледнаа меѓу себе, па Баба Марта проговори: „Туку, слушај девојче, сакам нешто да те прашам. Можеш ли да ми кажеш кои месеци во годината се поубави, а кои полоши?“
„Златна бабичке“, рече девојчето, „мене сите месеци во годината ми се убави, кој од кој поубав. За мене нема ниту еден лош месец.“
„Тогаш оди со здравје, девојче“, ѝ рекоа месеците, „и биди благословена за твоите преубави зборови. Од сега, со секој збор што ќе го изговориш, по еден златник да ти излегува од устата.“
Девојчето ги поздрави, си налеа вода во стомните и си појде дома. Кога стигна, тропна на вратата, а маќеата излезе да отвори. Кога виде дека девојчето се врати живо и здраво и со полни стомни, ќе пукнеше од мака, но немаше што да направи, па ѝ ја отвори вратата и ја пушти да влезе.
Неколку пати ја праша нешто, а девојчето – колку пати прозбори, толку златници од устата ѝ излегоа.
Само паѓаа златници, а девојчето се наведнуваше и ги собираше од подот. Маќеата не можеше да поверува на очите. Наместо да се изгуби во шумата, паштерката се врати жива и здрава, па уште златници вади од уста. На зависта и злобата на лошата маќеа им немаше крај.
„Кој те маѓепса вака, никаквице,“ и рече, „да вадиш златници од уста? Кажи ми или тешко тебе!“
А девојчето се исплаши од овие зборови, па седна и сѐ ѝ раскажа на маќеата: „Ги сретнав дванаесетте месеци како седат крај чешмата, поразговарав со нив, а тие на заминување ме благословија.“
Следната вечер, завидливата маќеа ја пушти ќерка си со стомните да оди и да налее вода. Се надеваше дека и таа ќе ги сретне месеците, па да ја благословат да вади златници од устата. Ѝ ги даде стомните и ја испрати со следниве зборови: „Ајде ќерко, оди до чешмата во шумата да налееш вода и да те благословат месеците, па да вадиш и ти златници од устата како онаа никаквица, сестра ти.“
Отиде девојката кај чешмата и, навистина, месеците си седеа под дрвото исто како и претходниот пат.
Девојката се поздрави со нив, а месеците ја прашаа: „Девојко, да те прашаме нешто, па да ни кажеш: кои месеци во годината се подобри, а кои полоши?“
А девојката се помисли малку, па им одговори: „Зар вие не знаете кои се подобри, а кои полоши, па мене ме прашувате? И малите деца знаат кои месеци се подобри. Се знае дека Јануари и Февруари се најлоши, а Марта е смуртена и со триста ума, па и таа не е подобра. А и другите како кој, некои се арни, некои не се.“
Вака им рече на месеците невоспитаната и разгалена девојка, а месеците и вратија со следниве зборови: „Да си благословена, девојко, за зборовите што ни ги кажа. Па, од сега, за секој збор што ќе го изговориш, по едно змијче од устата да ти излегува.“
Девојката се исплаши, па побрза да наполни вода и да си замине дома. Кога пристигна, влезе низ врата и само што проговори, од устата ѝ излезе едно змијче.
„Леле ќерко“, вресна маќеата, „зошто вадиш змијчиња од устата? Зошто не вадиш златници како сестра ти? Што се случи, што е оваа несреќа што нѐ снајде?“
А кога се врати од пат таткото на девојчето, разбра сѐ и веднаш ги избрка од дома лошата маќеа од дома и нејзината безобразна ќерка.
Си ја гушна и си ја бакна ќерка си и заплака. Но во секое зло-добро!
Од златниците што паѓаа од устата на девојчето, со секој збор, куќата набргу се наполни со злато. А таткото и ќерката си живееја убаво и среќно...уште многу, многу години.
А сега еве неколку активности поврзани со приказната преку кои ќе играте ,ќе се забавувате, но и ќе учете заедно со вашите деца.
1.
Златници и змијчиња
На лист хартија нацртајте ги златниците т.е. паричките кои излегувале од устата на умното и воспитано девојче. Зборувајте со своето дете која форма треба да ја нацртаат ( кружна), со која боја да ги обојат (жолта). Потоа на ред се да ги нацртаме змијчињата кои излегувале од устата на неумното и мрзливо девојче. Цртаме кривулести (криви) линии кои личат на змијчиња, со зелена боја, а за да бидат прави змиички им додаваме главче и црвено јазиче.
2.
Локомотивата Година ги влече своите вагончиња – месеците.
Заедно или само детето може да нацрта воз- локомотива и вагончиња кои ќе ги претставуваат месеците во една година. На секој вагон ќе ја напишете првата буква од месецот. На овој начин ќе му помогнете на вашето дете да ги научи редоследно месеците.
3.
Возот наречен година
Сега изработете еден разнобоен воз од хартија. Сечење, цртање, пишување,редење и подредување. Локомотивата ја претставува годината, а вагоните што ги влече се дванаесетте нејзини месеци.Ја составуваме локомотивата подредувајќи ги нејзините делови во вид на основните геометриски форми- круг,триаголник,квадрат,правоаголник. Вагончињата може да ги направите во некоја боја која одговара на месецот, пр. ако е зимски со бела или сина боја како во примерот, а може и да нацртате нешто карактеристично за тој месец, пр, ако е есенски месец – есенски лисја како во примерот. На секое вагонче го пишувате името на месецот.
4.
Зграда-календар
И за оваа игра употребивме разнобојна хартија. Месеците во годината се претставени преку прозорчиња врз кои ја пишуваме првата буква од месецот,а кога ќе го „отвориме„ прозорчето внатре се крие целото име на месецот.
Преку оваа приказна и предложените активности во вид на учење низ игра, го поттикнуваме целокупниот развој кај децата. Опфатени се сите домени на развој:
Физичкиот- преку манипулативните и моторички игри;
Говорниот- преку читањето,раскажувањето и пишувањето;
Когнитивниот- преку поттикнување на мисловниот процес,цртањето и овозможувањето преку игра да научат или повторат за одредени математички поими;
Социо-емоционалниот- преку самата содржина и целта на приказната- да разликуваат добро и лошо, позитивно од негативно, прифатливо од неприфатливо и да ги негуваат убавите и позитивни чувства;
Пристап кон учењето- преку начинот на кој доаѓаат до знаењето, се поттикнува детската љубопитност,креативноста, иницијативноста и истајноста.
Активноста е предлог на воспитувач Б.Атанаскова