Нашите сеќавања од детството многу често се поврзани со пријатните моменти кои сме ги доживеале додека сме слушале некоја интересна приказна која ни ја раскажала или прочитала нашата мајка,баба,татко,дедо.Некои од тие приказни останале засекогаш врежани во нашите мисли.Сетете се на тие моменти и сега вие бидете тие кои на сопствените деца ќе им создатете мигови за паметење. Прочитајте, раскажете, измислете приказна. Најважно поминете убави моменти ЗАЕДНО со своето дете. Прочитајте ја приказната за :
Ежето Снеже
Малото Еже се викаше Снеже. Живееше во градот блиску до шумата. Градот беше голем, а таа толку мала и изгубена во сета таа гужва.
Иако шумата беше многу блиску, за нејзините очиња и ножиња изгледаше недостижно. Снеже знаеше дека некој таму ја чека, едноставно чувствуваше.
Снеже многу сакаше да се гушка, сакаше да има пријатели. Но, мачињата и кучињата од градот бегаа од неа бидејќи боцкаше кога се гушка, иако не сакаше.
Толку е мила и слатка, но како да ја гушнеме кога боцка? – се прашуваа животните.
- Немам никој да ме гушне, боцкам, никој не ме сака- размислуваше тажното еже.
Секое утро Снеже ќе се качеше на највисокиот камен, гледаше кон шумата и се прашуваше :
- Има ли таму други како мене? Многу беше осамена.
Едно утро стоејќи на каменот, забележа уште еден како неа. Среќно извика:
‑ Господине еж почекајте!
Дедо Боре, главниот еж во шумата, беше дојден во градот во потрага по изгубени ежиња.
Стариот еж имаше големи црни очила и црвена торба на грбот. Тој веднаш ја слушна Снеже:
- Ех, мое мало еже, колку време те бараме – рече дедо Боре и се упатија кон шумата.
После два часа пат конечно пристагнаа.
Мајката еж и братчињата ја чекаа Снеже. Тие веднаш ја гушнаа. Ова беше првата прегратка на малото еже.
Многу бев тажна и осамена, немав никој да ме гушне, боцкам.
Мајката се насмеа и ги исчешла боцките на Снеже. Ги направи најубавите кики со жолти панделки.
- Сега не само ние, туку и сите животни од шумата ќе може да те гушнат.
Верверичката го слушна разговорот и веднаш ја гушна среќната Снеже. Сите се придружија и со џагор и смеа го поздравија враќањето на малото еже.
Братчињата подадоа рака на малата Снеже и со потскокнување се упатија кон паркот кај малото езеро.
Играа миженка, брканица, си играа кај дрвените лулашки... Ежето Снеже трчаше среќно, а киките и панделките летаа горе-долу.
Денот беше толку убав, низ дрвјата се пробиваа сончевите зраци како златни прамени од самовилска коса.
Ежето Снеже си го погледна својот одраз во езерото и гласно извика:
- Колку сум убава... Сите ме сакаат и ме гушкаат!
Најубава си Снеже. Само си поинаква, а да се биде различен и посебен е прекрасно.
Ежето на крајот стигна каде што припаѓаше – во шумата која некогаш изгледаше далечна и недостижна.
Приказна на еден поинаков начин.
Заедно со своето дете или деца според приказната за ежето Снеже ќе направиме делови за приказната што ни требаат , како на пр. ликовите што се среќаваат, зградите во градот, некоку дрвја што ќе ја претставуваат шумата итн. Може да користите што и да било , се што ви се наоѓа дома од детски списанија, разни хартии, да нацртате заедно на обична цртачка хартија , па да исечете итн. Користете ја вашата фантазија и креативност за радост и убаво семејно дружење . Детето преку овие делчиња самостојноили со ваша помош треба да ја прераскаже приказната или да си измисли некоја нова.
Ова е нашиот предлог за приказна.ЗАЕДНО со вашето дете изберете ја вашата приказна која ќе ја раскажете на малку поинаков начин.
Детска јога
Предлагам една игра во која ќе го имитраме мачето кое се плашело од ежето, а воедно ќе практикуваме физичка активност односно детска јога (вежба наречена мачка).
Математичка игра со шумските животни.
Играва е со повеќе животни од кои детето треба да ги погоди оние кои ги сретна во приказната за ежето. Може исто така да ги изброи колку животни има вкупно, да каже каква боја има сликата т.е.позадината или пак да си измисли приказна со овие животни како нејзини ликови. Наредете ги сликите од животните, исечете бројки пр.од некое списание и под секоја слика ставете го соодветниот број.
Преку овие активности се развива детскиот говор, фантазијата и во голема мера се поттикнува креативоста . Исто така преку секојдневната физичката активност се поттикнува целокупниот детски развој . Преку раскажувањето на приказната и во текот на изработката на деловите за истата детето ги усовршува своите манипулативни способности. Во текстот и играта се среќаваа математички поими како големо-мало, високо-ниско,блиску-далеку при што децата имаат прилика да осознаваат повеќе за математичките поими кои на опкружуваат.
Детето треба од најмала возраст да го поттикнуваме да ги разбира и почитува различностите кај себе и кај другите, а ние како возрасни да делуваме на тоа да се негуваат универзалните човекови вредности како што се љубовта, разбирањето, другарувањето итн.
Активноста е предлог на воспитувач Б.Атанаскова
За крај повелете убава песничка за љубовта.