ДА СЕ РАДУВАМЕ НА ПРИРОДАТА

Љубопитноста е една од најважните одлики на детето.Таа е главниот двигател на неговиот развој и најважен поттикнувач на процесот на учење.Природата и природните појави се огромно поле за забава и учење. ЗАЕДНО набљудувајте, истражувајте, експериментирајте , учете и најважно уживајте во секој момент поминат со своето дете.Овозможете  му на детето богато сетилно искуство и позитивно емоционално доживување.

Неколку интересни активности со кои родителите ќе го вратат детето во себе.

-Слушни го дождот

За оваа активност ни се потребни само чадори и желба за уживање. Излезете надвор со вашето дете и искористете ги придобивките на дождот како природна појава. Насочете го вниманието на детето да ги слуша звуците кои ги создаваат капките дожд кога удираат на чадорот. Обидете се да го  имитирате звукот на дождот со движење на јазикот во устата. Компонирајте мелодија заедно со природата. Аудитивните доживувања се  од огромно значење за развојот на говорот. Затоа , да учеме да ги слушаме звуците околу нас. Дозволете му да ги почуствува капките на своето лице , на својата дланка.Поттикнувањето на сетилото за допир  е уште еден начин на збогатување на детското сетилно искуство.

Погледнете ги капките дожд на тревата. Разговарајте за формата  која ја добила водата. Таа станала мала и округла. Можности за визуелното восприемање на информациите од природата  има насекаде околу нас. Да им ги понудиме на децата.

-Да скокаме , да се радуваме

Она што е неизбежно после дождот е малите вирчиња со дожд кои се неисцрпен извор на детска радост и смеа. Дозволете му на своето дете да скока во водата, набљудувајте ги движењата на водата, слушајте ги звуците под  детските ножиња.  Детската смеа и радост ќе ве чини само еден пар извалкани тренерки и обувки.(кои  се перат). Нека го погледне сопствениот одраз во водата. Водата е како огледало во него може да се огледаме.

-Детска  уметност во кал

Заедно со дождот и малите вирчиња со вода секако доаѓа и калта.  А таа е прекрасна играчка за децата. Секој од нас се сеќава на сите уметнички, кулинарски  активности  кои ние сме ги создавале со кал. Дозволете му на детето да стапне во калта, да почуствува каква е под нозете, како се движи, колку е мека. Разговарајте со детето какво е неговото чувство кога гази во калта, дали може брзо да се движи.Внимателно нека се обиде да трчка во калта (ние родителите внимаваме да не се слизне).Движењето е потешко за разлика кога се движиме на цврста подлога. Укажете му на детето на ова. Прашајте дали калта е мека или тврда. ЗАЕДНО со детето  цртајте во калта. Нацртајте лик  во калта со помош на стапче и комплетирајте го со очи од каменчиња, коса од трева. На креативноста и нема крај.

-Како се хранат растенијата- водата и нејзиниот пат низ растението

Во неколку чаши ставете прехрамбена боја и дополнете со вода.Во секоја од чашите ставете цветови со бела боја. По одреден период  ЗАЕДНО со детето забележете ги промените кај цветовите. Тие почнале да  се обојуваат. Погледнате, разговарајте, научете лесно преку игра.

Со малку труд и добра волја откријте му ги на детето волшепствата на светот во кој живееме. Хранете и негувајте ја детската љубопитност. Збогатувањето на сетилните искуства се од огромно значење, бидејки сетилата се човековиот влез за информации од надворешниот свет. Од овие информации  зависи и процесот на учење, затоа слушајте, гледајте, допирајте, чувстувајте .

Овозможете му на детето поттикнување на:

-когнитивниот развој: детето стекнува знаења  за природните појави, за водата, за природата околу нас

-моторниот развој: движењата на различна површина ја поттикнуваат крупната моторика и способноста за одржување на рамнотежа

-поттикнување на говорот

-збогатување на сетилното искуство на децата

Една убава песничка која ќе го надополни нашето уживање на дождот

https://l.facebook.com/l.php?u=https%3A%2F%2Fwww.youtube.com%2Fwatch%3Fv%3DuHmxZZOW-Kg%26list%3DPLoL9MQtAO02XtvCv730vC7j9B_QndNeUt%26fbclid%3DIwAR1DKLKhD9qnw8MaSl2yHzcxgoeVe2OTcrXPD644vaKOSwa3v7v10JiwUG4&h=AT2mFU3bHZWJwKpeK8twziZ4rxHOIcfsZ-Kc1iVZhnaRJlkPq5Q1uDsL_XK4R-ApM1QTQM-orcbVdBNVAnNaSCdSf2I4etOe4QYaPkiSiAf11ahhCO2xhxDLgWns-4feCIo

Контактирајте нé

Детска Градинка Астибо © 2021 All Rights Reserved
chevron-down