ДЕН И НОЌ

По денот исполнет со детска игра и радости децата  мирно заспиваат затоа и  знаат дека утрото  во постелата  ќе светнат првите сончеви зраци и ќе ве разбудат.  Сите бубачки, животни и растенија се будат радувајќи се на нежните утрински зраци. Сонцето е будење за сите. Сите му се радуваат на сонцето затоа што тоа ја носи светлината и топлината на светот, а најмногу децата бидејќи бескрајно си играат уживајќи во неговата топлина и светлина. Полека, полека сонцето се искачува во висините на небото. Напладне е највисоко и најсилно грее. Како што одминува денот, така пополека сонцето си оди. Зраците послабо греат, а тоа почнува да  се крие зад планините. Тогаш настапува ноќта. Наместо сонце на небото се појавуваат ѕвездите и месечината. Тогаш  сите легнуваме да спиеме.

А , зошто мораме да спиеме?

На нашето тело му е потребен сонот за да се одмори и да биде во добро здравје. Кога сме уморни почнуваме да се прозеваме, очите не печат, а целото тело ни е млитаво. Тогаш легнуваме во кревет и веднаш заспиваме. Без да не праша нашиот мозок сам си решава кога е време за спиење. И додека телото спие,  сите мускули се опуштени за да ја повратат силата, нашиот мозок работи. Се потсетува на сето она што се доживеало во текот на денот, ги подредува новостекнатите знаења и смислува нови идеи. Кога ќе се одмориме се будиме подготвени за уште еден ден исполнет со игри, другарување и учење. Повторно се појавува сонцето. Сонцето е симбол на денот, а Месечината на ноќта. Знаеме дека дење сонцето не гали, но дали сте знаеле дека и месечината не гали во ноќта. Ајде сега да видиме што се случило еден убав сончев  ден пред  зајдисонце кога за кратко се сретнале  Сонцето и Месечината!

СОНЦЕ И МЕСЕЧИНА

СОНЦЕТО: Како си?

МЕСЕЧИНАТА: Добро сум, благодарам.

СОНЦЕТО: Не да се фалам, но јас сум во центарот на вниманието. Виде ли колку ме сакаат децата?

МЕСЕЧИНАТА: Видов.

СОНЦЕТО: Знаеш ли дека милиони рачиња, цветчиња и... сите се кренати и раширени...

МЕСЕЧИНАТА: Сакаат да те допрат, да те гушнат, да се стоплат. Знаат дека нема живот без тебе.

СОНЦЕТО: Кога светам јас, и другите светкаат.

МЕСЕЧИНАТА: Ден и ноќ... Денот е твоето царство. Но, понекогаш, ноќе, и јас знам да бидам главна.

СОНЦЕТО: Ноќе децата спијат.

МЕСЕЧИНАТА: Знам, но јас можам да им влегувам во собите, да ги погалам и да им донесам најубави соништа.

СОНЦЕТО: Погледни како не гледа ова убаво детенце!

МЕСЕЧИНАТА: Сакаш ли да се преселиме во неговите очи?

СОНЦЕТО: Време е...Сонце во очите. Сега ќе го замолам нашето пријателче да трепне за да се преселиме во некои други простори. Време е да го побараш најубавиот сон и да ја најавиш ноќта.

МЕСЕЧИНАТА: Ден и ноќ, сонце и месечина како детска игра и најубав сон.

Текстот е превземен од списанието за деца „Росица“

Ајде сега дечиња да се обидеме да изработиме Сонце и Месечина!

СОНЦЕ: За оваа активност е потребно картонче, жолта салветка, лепило, ножички и врвка. Залепете ја салветката на исечен круг од картонче. Исечете зраци од картонче залепено со салветката и залепете ги на кругот. На крај залепете му очи и уста и ставете му врвка за закачување. Така можете да го закачите вашето сонце во вашата соба.

МЕСЕЧИНА: За оваа активност е потребно само картонче, алуминиумска фолија, ножички и врвка.Исечете месечинка од картончето, обложете ја со алуминиумската фолија и ставете и врвка.Вашата месечинка е спремна да ве гали во ноќта.

Дали вие дечиња сте знаеле дека целата природна светлина доаѓа од сонцето. Затоа кога е ден е светло. Сонцето никогаш не се гаси тоа ги осветлува Земјата и Месечината. На ноќното небо често може да ја видиме Месечината. Месечината  свети бидејќи ја осветлува сонцето, таа ја одбива светлината и го осветлува делот на земјата каде што е ноќ. Понекогаш таа светлина е толку силна што надвор се се гледа.

НОЌНО СОНЦЕ-МЕСЕЧИНА: За оваа активност е потребно ламба за работна маса и бела хартиена чинија. Во затемнета просторија со ламбата осветлете го ѕидот од спротива. Свртете  се со грб кон светлината кренете ја чинијата кон снопот светлина. Чинијата почнува да свети, но само затоа што ламбата ја осветлува. Ако ја изгасиме ламбата чинијата ќе престане да свети. Истото се случува и со месечината. Ноќе сонцето свети и иако ние не го гледаме тоа ја осветлува месечината и затоа и таа свети.

СВЕТЛИНА ВО НОЌТА: За оваа активност е потребно ламба за работна маса, бела хартиена чинија, играчка и книга. Во затемнета просторија запалете ја ламбата и ставете книга пред неа. Во сенката од книгата ставете ја играчката. Играчката се наоѓа во мрак.Кренете ја чинијата и насочете ја светлината што се одбива кон играчката.Со кренатата чинија играчката е осветлена. Дури има и своја сенка. Што значи дека светлината се одбива од чинијата и ја осветлува играчката. Истото се случува и со Месечината, Земјата и Сонцето.

ПЛИМА И ОСЕКА: Нешто интересно што е убаво да се знае е  дека месечината ги привлекува кон себе големите води(океаните, морињата, големите езера) со тоа што се намалува нивото на водата. Оваа појава се нарекува осека. А обратната појава надоаѓањето на водата се нарекува плима. Овие појави се појавуваат два пати дневно, а се резултат на гравитациската сила која се појавува помеѓу Земјата, Месечината и Сонцето.

ДЕН И НОЌ: Знаеме дека  сонцето е симбол на денот, а месечината на ноќта, па ајде да се обидеме да ја претставиме Земјата во ДЕН И НОЌ. За оваа активност е потребно: лист од блок, темперни бои, ножички, лепило, фломастери. Од листот од блок исечете голем круг кој ќе ја претставува Земјата, од остатокот од листот исечете сонце, месечина, ѕвездички, облачиња.Земјата избојте ја во црна и сина боја со темперни бои.Сонцето избојте го со фломастер и залепете ги кој каде припаѓа(сонцето и облаците во ден, а месечинката и ѕвездичките во ноќ). Така ќе забележите дека кога на едната страна на Земјата е ден, на другата страна е ноќ.

ИГРА  ДЕН И НОЌ: А сега и една интересна игричка. Децата нека застанат пред вас. Кога ќе кажете ДЕН децата стојат исправено, кога ќе кажете НОЌ, децата клекнуваат. Можете неколку пати да кажете ден или ноќ, децата треба внимателно да слушаат, тоа дете кое ќе згреши излегува од играта. Победник е оној кој последен ќе остане во играта. Оваа игра може да ја играте и родители и деца заедно.

Со овие активности се развива фината моторика, се проширува и збогатува детскиот речник, се поттикнува способноста за користење на дланката и прстите од двете раце за да ракува со ножички и за да црта, се буди интересот за природните науки, се поттикнува интересот за учество во ликовни и музички активности.

Активноста е предлог на воспитувач Е.Пиперевска 

И за крај една песничка за нашата преубава планета ЗЕМЈА!

Контактирајте нé

Contact Form Demo (#1)
Детска Градинка Астибо © 2024 All Rights Reserved
chevron-down