Игри од моето детство

Детството е период од животот што сите го поминуваме, но никогаш не се враќа назад.

Од детството почнува сé, каков ќе биде развојот на едно дете (еден човек) зависи токму од детството и сите влијанија што тогаш сме ги имале. Основата е токму овде.

Бадијала не се рекло уште од античко време дека детето е „ Tabula rasa „ – затоа  што ќе испишеме таму е многу важно.

Затоа да го разбудиме детето во себе ( во нас возрасните-родителите, старателите, воспитувачите), да погледнеме со очите на детето што можеби се крие длабоко во нас , а можеби и се појавува одвреме навреме што би било многу убаво.

Всушност, анализирајќи вака, навраќајќи се назад во моето детство, се присетив на тоа какви сé игри игравме со мојата сестра во нашиот дом сместен во една стамбена зграда. Колку сме биле креативни и сме измислувале разни игри за да си го пополниме слободното време интересно и весело. Па еве неколку од нив, да го исполните времето на вашите деца во овој период кога голем дел од времето го поминуваме дома сите ЗАЕДНО.

 Детска уметност - арт релаксација

За оваа активност не ви се потребни многу средства, може едноставно да ги употребите старите весници или списанија што ви се наоѓаат низ домот. Хартијата обично се кине, но ние ќе сечеме со ножички за поттикнување на развојот на фината моторика кај децата. Помалите деца може и да кинат. Изработуваме делови ( глава,тело,опашка,мустаќи...) од некое животно пр. мачка, па потоа ги редиме и го составуваме во целина . Истите може и да се лепат со лепило за хартија на подлога ( лист хартија,картон и сл.). За да раскажете приказна со децата , направете повеќе ликови од позната или непозната приказна и поттикнете го детето да ги распоредува ликовите на подлогата. На овој начин со децата може да си раскажувате познати приказни, или да создадете нова приказна, по ваша желба.

Приказни со хартиени коцки

Од списанија за деца , ние ги искористивме илустрациите од списанието за деца „ Росица„ , или пак сами да направите по желба на детето, да исечете шема за  коцка со сликички од разни предмети и поими, да ја направите коцката и потоа да фрлате и да раскажувате интересни приказни според тоа што ќе ви се падне при фрлањето. Колку повеќе коцки со различни слики, толку поголема забава. Коцките ги фрлате една по една или сите одеднаш. Препуштете се на фантазијата и забавувајте се со своите најмили. Може да изработите вакви коцки од обична хартија за цртање или картон, а потоа да си нацртате предмети или дејствија по желба.

Оценување - натпреварувачка игра

Во оваа игра може да учествуваат најмалку двајца, а најмногу, колку заинтересирани има. Секој учесник има празен лист, на кој што цртаме табела со неколку коцкички или место за оценка.  Еден учесник кажува што ќе се црта, на пр, цвет, и сите учесници цртаат цвет без да си гледаат еден од друг. Потоа меѓусебно се оценуваат, а оценката се става во табелата ( дневник на оцени). Потоа други учесник кажува што ќе се црта... На крај победува оној учесник кој има најдобри оценки. Играта може да се игра и според некоја приказна, на пр.„ Црвенкапа„ – децата цртаат нешто поврзано со приказната, пр. го  цртаат девојчето, волкот, цвеќиња, дрво, шума, шумски животни, кошница итн.

Подреди по редослед и раскажи приказна

Неколку сликички со одредена содржина кои се исечени и измешани,  детето треба да ги подреди по правилен редослед и потоа да  раскаже приказна, според серија слики. Во прилог ви нудиме пример од приказна по серија слики од списанието за деца „ Росица “ .

Преку понудените активности се развива детската фантазија, се збогатува детскиот речник, детето се охрабрува да ја изразува својата креативност, а преку игра и забава се поттикнува развојот на фината моторика и манипулативните вештини.

Активноста е предлог на воспитувач  Б.Атанаскова

Да завршиме со една убава песна.

Контактирајте нé

Детска Градинка Астибо © 2021 All Rights Reserved
chevron-down