Пролетта е годишно време кое го сакаат децата , го сакаат цвеќињата, пчелките , пеперутките. Топлото сонце ги мами сите надвор во убави авантури. Но понекогаш се случуваат и незгоди. А, во незгода треба да се помогне. Една незгода и се случи на една мала пеперутка. Ајде да откриеме кој и помогна.
ПЕПЕРУТКА
Глогот бил во полн цут и примамувал со своите бели цветчиња. Шарената пеперутка опиена од сонцето и убавиот пролетен ден, со залет се спуштила на белите цветови. Таа не го видела трнот под нежниот цвет и си го искинала крилцето. Сакала повторно да летне, но наместо во воздухот, се нашла на земја. Почувствувала силна болка во ранетото крилце. Се обидела уште неколку пати да се дигне во воздухот, но се било попусто. Натажена, тргнала полека по земјата. Одејќи, лазејќи, стигнала до една дупка. Внатре живеела кртицата.
-Кртичке, сестричке, те молам помогни ми! Сошиј ми го крилцево! – замолила пеперутката.
-Јас не можам да гледам ми пречи сонцето, а и ти не можеш да влезеш кај мене. Побарај помош од други! – одговорила кртицата.
Пеперутката продолжила понатака. Одејќи, лазејќи, стигнала до куќата на зајакот.
-Зајче, братче, помогни ми! Сошиј ми го крилцево! – замолила пеперутката.
-Моиве шепи се големи за тебе пеперутке. Јас само ќе те повредам повеќе. Побарај помош од други! – одговорил зајакот.
Пеперутката продолжила понатака. Одејќи, лазејќи, по долго време, на пат сретнала една срничка со бел белег на челото и со убави, убави, тажни очи.
- Срничке, сестричке, помогни ми !Сошиј ми го крилцево! – замолила пеперутката. Срничката се наведнала кон земјата и кога го догледала искинатото крилце на пеперутката, од очите како браздички и потекле солзички и – кап, кап – паднале право врз крилцето на пеперутката. Таа почуствувала како и стивнува болката. Замавтала со крилцата и... чудо! Летнала! Се завртела неколкупати околу срничката и ја бакнала по белегот на челото.
-Ти благодарам, срничке, сестричке! - рекла таа. Потоа полетала високо кон небото. Срничката ги свртела очите по неа, а во нив се огледале само гранките на шумските дрвја.
Пеперутките не пленат со нивните бои и со нивниот нежен лет. Ајде да се обидеме и ние да направиме наши шарени пеперутки.
ПРЕСЛИКАНА ПЕПЕРУТКА:
За оваа активност ви е потребно само лист од блок, темперни бои и молив. Листот од блок пресвиткајте го на средина, отворете го и на едната половина со молив нацртајте контура од пеперутка. Детето ќе има за цел со темперни бои да ја повтори пеперутката по контурата а внатре да стави бои по сопствен избор и желба. Потоа ќе ја преклопите другата половина од листот, ќе притиснете одозгора со рачињата и потоа ќе го отворите листот. Децата ќе бидат воодушевени од добиената пеперутка.
ПЕПЕРУТКА ОД ХАРТИЕНИ КОРПИЧКИ:
За оваа пеперутка ни е потребно: хартиени корпички за слатки, штипка, салветка и лепило. Корпичките за слатки преклопете ги два пати, потоа прифатете ги на средина со штипка, од салветата направете пипки и очиња и залепете ги на штипката со што ќе добиете прекрасна пеперутка.
ПЕПЕРУТКА ОД ДЕТСКИ РАЧИЊА:
За изработка на оваа пеперутка е потребно: хартија во боја(а може и лист од блок обоен од дечињата), молив, ножички, цевчиња и лепило. На хартијата во боја нацртајте ги своите рачиња во два пара, исечете ги и залепете ги. Врз нив на средина залепете ги цевчињата, залепете главичка со очиња и устичка и украсете ја со кругчиња од хартија по ваш избор. Добиената пеперутка ќе можете слободно да ја летате по домот.
ШАРЕНА ПЕПЕРУТКА:
За следнава пеперутка е потребно само: обичен бел лист, ножички, фломастери, ластиче. Од листот исечете два правоаголници од кои едниот за еден до два сантиметри помал од другиот. Обојте ги со фломастери најразлично, слободно како сакате вие. Потоа исечете ги само ќошињата од правоаголниците и пресвиткајте ги како хармоника. Од друга хартија, а може и од истата завиткајте пипки. Се заедно прифатете на средина со ластиче и отворете ги сите делови освен пипките. Ќе добиете прекрасна шарена пеперутка.
Постојат и многу други начини за да се изработи пеперутка, може да истражувате и да направите уште многу пеперутки.
Активноста е предлог на воспитувач Е.Пиперевска
Да се обидеме да научиме неколку убави стиха за пепрутката, ЗАЕДНО со вашето дете обидете се да меморирате барем еден стих од следната стихотворба.
ДЕТЕТО И ПЕПЕРУТКАТА
Пеперутке мила,
Иста си ко свила.
Кажи ми те молам
Каде ли си била?
Бев да земам бои,
за да бидам лична,
жолта како сонце,
како небо слична.
Црвена ко лале,
в градина што цвета,
слободна ко птица,
високо што лета.
Ајде да продолжиме со уметничките игри и пак да создаваме шарени пеперутки.Овој пат обидете се вака:
Печатење на пеперутка
Потребен ни е следниот материјал:
Лист од блок, ножички темперни бои, компир - кој ќе ни послужи како печат за пеперутката.
Откако ќе ја обликуваме пеперутката од компир ќе го потопиме печатот во една боја и ќе го нанесеме на лист од блок.Истата постапка ќе ја повториме со друга боја и.т.н. Откако ќе се исушат добро исечете ги пеперутките и се вклучувате во нова игра - Класификација на пеперутките според боја. Детето ќе се потруди да ги запознае боите и ќе се воведе во математиката, односно класификација и споредување на предметите според боја.
А додека ги изработувате пеперутките еве и една песничка за пеперутка, која ќе го подобри вашето расположение.
Со овие активности се постигнува сестран развој на детето.
-Се развива фината моторика,
-Се збогатува јазикот,
-Се поттикнуваат позитивни емоции,
-Се поттикнува когнитивниот развој, односно се поттикнува интересот за учество во музички и ликовни активности.
Активноста е предлог на воспитувач В.Јованова