ПОДГОТВЕТЕ СЕ ДА БИДЕТЕ УСПЕШЕН ВОСПИТУВАЧ НА СВОЕТО ДЕТЕ
Почитувани родители,
знаeмe дека не е едноставно да се справите со предизвикот пред кој сме исправени сите заедно во овој момент на непредвидена и неочекувана состојба во која се најдовме не по своја волја. Но гледајте на целата ситуација од ведрата страна , а тоа е можноста да бидете повеќе време со своето дете, да се посветите меѓусебно, да се запознаете подобро и да играте и да учите заедно. Во периодот кој следи ќе се обидеме да ви дадеме неколку совети , предлози , активности кои низ игра ќе ви овозможат вам и на вашето дете да се забавувате но и да стекнете вештини и способности кои на детето ќе му овозможат правилен раст и тазвој.
Веројатно секој ден се прашувате од каде да започнам, како да започнам?
Правило број еден – покажете му и подарете му ја на детето сета ваша безусловна љубов. Кога ќе ја почувствува вашата љубов, ќе се почувствува доволно сигурно да сака да ја истражува околината, да си игра и да се подготви за стекнување на вештини и знаења на спонтан начин - преку игра.
Сигурно е дека сите ние ги сакаме своите деца, но кога децата почнат да растат, па од нежно мирно бебенце, станат поголеми, па со своето однесување ни поставуваат секојдневни предизвици, и тогаш ние побрзо ќе ги учиме или „поправаме“ кога грешат, наместо да им ја покажеме сета своја љубов.
Знам дека е тешко, но затоа искористете го овој период па ако сте пропуштиле некој момент, сега е време да се посветите , а за тие што сега станале родители ова е одлична можност за успешен старт во родителството.
Неколку практични совети
Секое утро покажете му колку го сакате своето дете гушкајќи го и кажувајќи му дека е најдобро дете што сте го посакувале. Ако имате повеќе деца , применувајте го тоа со сите деца, но тоа важи за двајцата родители.
Земете го во прегратка и кога е мирно – тивко, но и кога има напорно однесување, затоа што како што кажавме љубовта е безусловна и како таква треба да ја споделите со децата.
Можеби сте биле во ситуација да ги споредувате децата – вашето дете со детето на колешка или роднина кое е на иста возраст но знае повеќе работи од вашето дете, има повеќе вештини ....
Ова значи – никогаш не ги споредувајте децата меѓусебно, дури ни децата од вашето семејство, затоа што секое дете е личност за себе и има свој сопствен развоен пат. Дозволете му да ја достигне својата зрелост за да постигне одредено развојно ниво.
Затоа е важно да го набљудувате вашето дете за да процените кои активности и игри се соодветни за него. Во таа насока: покажете му некоја активност, ако ве следи и ја повторува – во ред, ако пак не тогаш оставете ја и продолжете понатаму, со друга активност , или пак следете го еговиот интерес.
Повторете ја играта после одреден период, ако се труди да направи нешто иако неправилно и тоа е во ред затоа што се труди, што има позитивен став кон активноста во која учествува. Дозволете му да ја повтори активноста пак, за да ја совлада докрај, доколку покажува интерес или повторете ја постапката или активноста уште еднаш или неколку пати.
Подгответе се пред да започнете со „учење“
Подготовката им е потребна и на родителите – возрасните но и на децата.
Важно е да се опуштите пред започнување на игра преку која детето треба да развие одредени вештини или да стекне нови искуства и знаења.
За родителите:
правилно дишење најмалку трипати – вдишување низ нос а издишување полека низ уста,
креирање на позитивни препораки за сам себе – јас го сакам моето дете , јас сум трпелива мајка, можам да се грижам за него со љубов и внимание,
претставете си слика за себе како нежна мајка која зборува тивко со своето дете исполнета со љубов и трпение.
Откако сте се подготвиле психолошки за активностите кои ве очекуваат можете да му се посветите со внимание на своето дете. Вежбите со дишење за опуштање можете да ги правите и со своето дете, ова е забавна активност но и многу успешна за почеток на денот полн со предизвици. Пробајте да му објасните на детето како треба правилно да вдиши и да издиши , најмалку трипати и потоа продолжете со планираните активности .
Освен психолошката подготовка за успешна реализација на активностите важно е да ја подготвите и околината – да ја адаптирате колку е можно во функција на занимална или место во кое ќе ги реализирате активностите во иднина. Играчките треба да ги ставите настрана за да не го привлекуваат вниманието на детето, празни листови кои ќе ги користите за повеќе намени треба да имате на дофат, и останати материјали согласно активностите кои сте ги планирале дави бидат подготвени.
УСПЕШЕН ПОЧЕТОК НА НОВОТО ПАТУВАЊЕ
Стручна служба во ОЈУДГ „ АСТИБО“
Елизабета Симоновска, педагог