ПРАЗНИЦИ СЕ БЛИЖАТ

Празници ни се ближат и ни носат мигови на уживање со нашето семејство.Приказните поврзани со празниците се успешна комбинација за создавање на прекрасни детски спомени. Сместете се удобно во вашиот дом, во омиленото место за раскажување или читање на приказни – сликовници. Откако ќе ја прочитате еднаш приказната во целина, следниот пат потрудете се да ги следите сите активности кои ги направи зајачето Ушко, заедно со вашето дете.

Дозволете му на детето да ја раскажува приказната и да се забавува.

                     СОНОТ НА ЗАЈАЧЕТО УШКО 

Пролетта ја позеленила целата шума. Се појавиле нови шумски жители. Мајките биле среќни со своите младенчиња – еже, лисиче, волкче, зајаче, верверичка. Излегле за прв пат од своите живеалишта на топлото пролетно сонце. Додека не пораснат сите се другарчиња и заедно си играат. Било Велигден и во шумата се чувствувала празнична атмосфера. Сите се подготвувале за прослава. Зајачето Ушко имало само неколку недели, но веќе слушнало за големиот Велигденски Зајак и неговата многу значајна задача – доставување на Велигденски јајца. Затоа Ушко сонувал да стане негов помошник. Едно утро Ушко станал рано. Лежејќи на ливадата со прекрстени задни нозе, гледал во синото небо и грицкал млада зелена и сочна салата (детето го имитира лежењето на зајачето).

Тој ги чекал другарите, но за да не му биде досадно, почнал да вежба – скок 3 пати напред, 2 пати назад, 1 колут напред (детето, а може и заедно да вежбате).

Зајачето добро се испотило, а од неговите другари мечето, ежето, лисичето, верверичето – ни глас, ни шум.

„- Сигурно уште спијат.„ – си помисли зајко.

Повторно се испружил на тревата и се загледал во едно облаче на синото небо, што личи на морков и размислувал како да му помогне на Велигденскиот Зајак. Наеднаш ги начулил ушите, ги протегнал задните нозе и потрчал низ густата трева.

Стигнал до едно високо и широко дрво и се прилепил за него.

Го обиколил еднаш во круг.

Се изморил и додека се одмарал, слушнал дека му се доближува стариот лисец. Срцето му чукало „бам, бам, бам„.

Зајачето погледнало лево - десно и потрчало брзо колку што може.

Трчал цик-цак, два пати во лево „хоп-хоп„, 4 пати десно „хоп-хоп-хоп-хоп„.

По права линија кон шумата.

По патот пресконал паднато дрво и широк жбун.

Се провлекол под долгиот трупец и клекнал во тревата.

Стариот лисец се откажал од трчање, но малото зајаче сеуште било уплашено и се криело. Полека отишло кај својата мајка, се смирило и заспало.

Сонувало убав сон, како станал помошник на Велигденскиот Зајак. Следното утро отишол кај големиот Велигденски Зајак и срамежливо ја понудил својата помош. Велигденскиот Зајак му рекол дека е уште мал, да биде трпелив и дека следната година може да биде помошник, а дотогаш да вежба. Следното утро зајачето повторно се разбудило рано, ги протегнало своите предни нозе, потоа задните, ги измило забите (посебно предните два), потоа ги измил и долгите уши. Го зачешало грбот, па морал да направи неколку пати колут  напред во тревата.

„-Ух, ама сум гладен.„ – помислил Ушко.

Скокнал на едната нога, потоа на другата, сé така до крајот на ливадата, каде имало многу зелена вкусна трева. Џвакал полека мрдајќи со носето, вкусна зелена трева полна со витамини. Одеднаш зајачето Ушко приметило како нешто светка во блискиот жбун. Внимателно се доближило и здогледало 10 сјајни јајца. Погледнал лево, погледнал десно, барајќи го сопственикот на јајцата.

„- Мора некој да заборавил да ги подели овие јајца за Велигден.„- помислило зајачето. -Ова е шанса за мене да докажам дека можам да бидам помошник на Велигденскиот Зајак.„ – се завртел скокајќи во круг, плескајќи со предните нозе.

Многу внимателно ги зел јајцата, лесно на прсти скокал поминувајќи преку камења и дрвја. Го прескокнал поточето кое течело кривулесто.

„-Ќе ги израдувам своите другари.„ – си помислил Ушко. „-На секого ке му оставам по неколку јајца.„. Бидејќи неговите другари сеуште спиеле, јајцата ги оставал пред нивните куќички. На ежето му оставил 1 јајце, на малото меченце оставил 3 јајца, на верверичката која му е најдобар другар, оставил 4 јајца, останатите 2 јајца ги поделил на лисичката и малото волче. Штом завршил со делењето, отскокал до куќата на големиот Велигденски Зајак за да се пофали.

Во исто време кокошката госпоѓа Цаци открила дека некој ѝ украл 10 јајца од гнездото додека таа пиела вода од потокот. Тоа биле јајца кои ги лежела 24 дена и чекала да излезат мали пиленца. Кокодакала на цел глас

„-Помош, некој ми ги украл јајцата, моите деца.„.

Жителите од целата шума и ливада се вознемириле. Зајачето Ушко разбрало каква грешка направило. Тоа мислело дека тоа се велигденски јајца кои не се поделени, а не дека се деца на кокошката. „-Морам да ги спасам јајцата.„ – помислил Ушко и потрчал кон куќичките на неговите другари.

За среќа, тие сеуште спиеле, па јајцата биле на истото место на кое ги оставил Ушко. Ги собрал и ги вратил на госпоѓата Цаци, со голема молба да му прости. Мајката кокошка била многу среќна, ги преброила на глас и му простила. (детето брои гласно до десет). Клукнувајќи го неколку пати нежно по главата. Зајачето Ушко отскокал да им објасни на вознемирените жители на шумата, особено на големиот Велигденски Зајак дека јајцата се во своето гнездо. Велигденскиот Зајак го искарал, но и го пофалил за спасувањето на малите пиленца. Ветил дека идната година Ушко ке стане негов помошник. Зајачето Ушко бил најсреќното зајаче на светот. Се исполнил неговиот сон – да стане помошник на големиот Велигденски Зајак. Скокал весело по целата ливада, пеејќи.

Потребни материјали: – костим за зајак, 10 јајца, кукли на животни: мечка, еже, волк, верверичка и нивните живеалишта

Сонот на зајачето Ушко - драмска игра

автор: Душица Бојовиќ

Со оваа активност се поттикнува развојот на:

говорот – активно слушање , разбирање и применување на бараните или посочените активности, овозможува активно учество на сите деца.

Детското тело станува инструмент со кое тоа се обидува да комуницира, истражува , опишува и ги покажува идеите и активностите.

Математичките игри можат да се реализираат во сите возрасни групи.

Мала група – моторни движења , скокање , трчање во круг.

Средна група – скокање со броење напред , назад , делење на јајца (5) на две другарчиња

Голема група – скокање 3 напред , 2 назад, трчање цик-цак 2 лево , 4 десно , трчање по права линија , 10 јајца на 4 – 5 другарчиња.

Активноста е реализирана со децата од групата на воспитувач Ј.Кукушева и В.Петрова.

Ајде да ги разбудиме малите уметници во нас и во нашите деца. Ви предлагаме заедно со децата да создадете мали уметнички дела на малку поинаков начин.Обидете се да употребете сол за цртање.

Солта - не е само за во кујна

За оваа техника на цртање ќе ви бидат потребни хартија во боја(црната дава убав контраст), течно бело лепило, сол, водени боички. На листот хартија нацртајте јајце  и на истото нацртајте декорација по ваш избор. Врз нацртаната контура нанесете лепило. Посипете го листот со сол, а вишокот истресете го. Сега може да се бои.Намокрете ја убаво четката, нанесете боја и полека допирајте врз контурата од сол.Боите се разливаат низ контурата.

Во време на празници сите сакаме да ги украсиме нашите домови. Обидете се заедно со вашите деца да создадете уникатен украс кој верувајте никого нема да го остави рамнодушен.

Велигденски јајца што светат-ја истражуваме природата

За оваа изработка потребни ви се јајца , новогодишни светилки и трпение.Внимателно направете мали отвори на дното од јајцата, истурете ја содржината( изборот е ваш дали ќе направите благо или солено од истата) , измијте ја внатрешноста и исушете ја. Во секое од јајцата вметнете новогодишна светилка.Наредете ги јајцата во корпа и вклучете ги светилките. Сега може да уживате.Секое јајце е прекрасно.На нивната површина може да забележите најразлични точки, дамки,линии.Набљудувајте ги со детето  и разговарајте за нивниот изглед.Уживајте во секој миг поминат со своето семејство.

За добра ноќ во миговите на уживање покрај светлечките јајца, прочитајте им ја на децата сказната „Грдото пајче“ .

Контактирајте нé

Contact Form Demo (#1)
Детска Градинка Астибо © 2024 All Rights Reserved
chevron-down