СПОДЕЛИ ПРИКАЗНА - ПРОЧИТАЈ КНИГА - СВЕТСКИ ДЕН НА КНИГАТА И АВТОРСКИTE ПРАВА

Останете дома, прочитајте им приказна на вашите деца, но не само денес кога е Светски ден на книгата и авторските права. Тоа нека ви биде убава секојдневна навика.

Денот на книгата е прогласен според датумот на раѓање и денот кога го напуштили овој свет повеќе големи личности, важни за светот на литературата како што се Мигуел де Сервантес, Вилијам Шекспир кој пак е и роден на истиот датума и уште многу други.

Читањето на книги претставува отворање на прозорец кон светот, поглед кон иднината, поттикнување на развојот на фантазијата кај децата, а најважно го развивате говорот кај децата и љубовта кон пишаниот збор од најрана возраст.

ЧИТАЈТЕ ЗАЕДНО СО ВАШЕТО ДЕТЕ

Патот од илјада километри започнува со еден чекор

( кинеска народна мудрост)

Затоа првиот чекор нека биде читањето на текстови наменети за деца.

Сите знаеме колку е важно да им се читаат приказни, бајки, басни на децата.

Но кога треба да се започне со читање  е прашање кое родителите често си го поставуваат.

Голем број на истражувања покажале дека децата  уште во ембрионалниот период го препознаваат гласот на својата мајка, па така не е грешно, туку е препорачано да му читате на своето бебе уште пред раѓањето. Со доаѓањето на свет веќе треба да започнете да му посветите внимание со кажување на приказни, бајки, или читање на сликовници додека го држите нежно во вашата прегратака. Тоа се непроценливи моменти поминати заедно кои создаваат нераскинливи врски помеѓу членовите од семејството. Создавањето на навика за читање или кажување на приказна пред спиење е идеално време од денот, кога детето треба да се смири после сите дневни бурни активности.

Некои студии покажале дека децата на кои им се чита редовно имаат до 80% повеќе развиен фонд на зборови кои знаат правилно да ги користат за разлика од децата на кои родителите не им читаат пред спиење. Ова е начин за развивање на говорот, поттикнување на фантазијата, креативноста кај децата. Убаво е при читањето да се сместите удобно заедно со своето дете во прегратка, притоа дозволете му да ги врти страниците на сликовницата, да „ чита “ , едноставно дозволете ова да бидат моменти на заедничко уживање.

Читањето на сликовници, раскажувањето на приказни, создавањето на нови измислени приказни е многу важно за развојот на говорот кај децата од најрана возраст и стекнување на предчитачки вештини кај децата. Притоа треба да посветите внимание на правилна интонација и дикција на гласот при читањето и раскажувањето, секогаш негувајте го и практикувајте го литературниот говор. Менувајте ја бојата на гласот според ликот за кој што читате или раскажувате , што ќе го направи интересно и забавно заедничкото  читање. Многу е важно при читањето на сликовница на детето да му ја покажете сликата и притоа да ја проширите  содржината со опишување и насочување на вниманието на детето опишувајќи ги  деталите на сликата како на пример : Види го детето , изгледа среќно, насмеано е.

На тој начин кога детето ќе гледа во сликата од сликовницата , не само што ќе ги препознава или ќе ги гледа цртежите само така сувопарно само како слики, туку ќе ги гледа и изразите на ликовите кои се нацртани и ќе создаде подлабока слика за содржината за која се раскажува.  Секогаш барајте детето да ви прераскажува освен за содржината на приказната,  да препознае што се наоѓа горе, а што долу на сликата, со која боја е обоено нешто на сликата, која форма ја има предметот, колку елементи има на број и тн., што е начин преку кој детето ненаметливо, се запознава и ги стекнува првите сознанија за математичките поими, релации, операции и го развива функционалното мислење.   На овој начин детето ќе развие вештина да може да визуелизира сложена сцена , а не само слика на која има нацртано нешто. Ова е поврзано со длабочината на уживање во светот на книгите и промовира чувство на емпатија.

За време на читањето детето ќе ги препознава почетните букви од своето име, од името на родителите и др.

Освен вештини за описменување, за времето што го користите за да прочитате нешто заедно со своето дете , или со децата во градинка, размислувајте како време употребено за поттикнување и на емоционалниот развој на детето.

Читањето на овој начин во раниот детски развој на децата им овозможува да:

  • се поттикнува развојот на правилниот говор и мајчиниот јазик,
  • го збогатува речникот со нови поими и изрази ;
  • правилна артикулација и дискриминација на гласовите ,
  • креативност и фантазија,
  • способноста да се размислува пошироко и поотворено,
  • воочување на причинско последични врски во случувањата на настаните,
  • последователност на настаните, временска рамка,
  • насочување и задржување на внимание ,
  • активно слушање,
  • визуелната перцепција,
  • да се стекнат првите претчитачки вештини ...

Преку читањето и разговор многу често може да им објасните на децата и состојби кои треба да се случат како одењето во градинка, како се чувствуваат другите деца, полесно надминување или совладување на некои потешкотии. Децата полесно создаваат врски со други лица, побрзо започнуваат да зборуваат, полесно се концентрираат и го насочуваат своето внимание. Затоа читајте секоја вечер пред спиење ЗАЕДНО со своето дете затоа што придобивките се огромни за целото семејство.

Додека им читате на децата убаво е да им пуштате пријатна музика, за што ви предлагаме:

https://www.youtube.com/watch?v=5HrkXT5Bc9E&t=524s

За забава пак нека се радуваат со песна:

Контактирајте нé

Contact Form Demo (#1)
Детска Градинка Астибо © 2025 All Rights Reserved
chevron-down