ЈАГОДИ

Пролетта не радува со многу убавини а помеѓу нив се и слатките  и здрави уживања. Таа ни ги донесе  свежите овошја кои што со нетрпение ги очекувавме веќе неколку месеци.  Децата  сакаат да јадат многу зрело, свежо и вкусно овошје. Да заопочнеме со  гатанка за едно вкусно пролетно овошје кое што и децата  а и возрасните  го сакаат,  има црвена боја и е многу вкусно, може да се јаде свежо но  може  да се подготвува и  како слатко, џем, крем, сок, компот.  Ајде да погодеме што е тоа:

Румена и слатка,

Со црвено главче

И зелено капче,

Расте ниско, ниско,

До земјата блиску.

-Тоа е јаготка.

Јаготката настанува од едно малечко бело цветче на коешто доаѓаат инсектите да се хранат со цветниот нектар кој што е сладок сок од којшто пчелите прават мед.

Но освен нектар во цветот има и полен. Тоа се ситни жолтеникави зрнца што се лепат на бумбарот кога ќе слета на цветот.Кога ќе одлета бумбарот на друг цвет ќе го пренесе и поленот, така што цветот се оплодува и почнува да се менува.Најпрво  му отпаѓаат ливчињата, цветот свенува но не умира. Во неговата средина започнува да расте јаготката. Таа е мала и зелена.

Но кога ќе почне да расте таа ја менува бојата станува црвена, што значи дека е зрела и може да се набере и изеде.

А дали вие јадете јагоди?

Јаготките треба да се јадат бидејќи се полни со витамини и се важни за детското здравје.

Дали сте знаеле дека доколку јадете јаготки вашите обравчиња ќе поруменеат кога ќе излезете надвор на топлото сонце да си играте. Тоа се случи и со едно девојче .ЗАЕДНО со вашето дете уживајте во читањето на текстот.

    СОНЦА ВО ОБРАВЧИЊАТА НА ЛИЛЕ

Лиле ја виде кошничката со јаготки и весело плесна со рацете: -Ура, ура, ура! Ура јаготки! Зеде една јаготка од кошничката, ја допре до усните и нежно ја бакна.

-Колку си убава, румена и миризлива! – рече Лиле.

А јаготката уште повеќе зарумене од убавите зборови на Лиле.

-Каде беше минатата недела? – ја праша Лиле.

-Тогаш бев на нивата, се уште бев мала и  зелена,  -рече јаготката.

-А кој ти ги обои обравчињата? - праша Лиле.

-Сонцето! – рече јаготката. – Тоа секој ден ме грееше со топлите зраци а јас растев. Ја пиев неговата топлина и светлина. Така моите обравчиња станаа румени.Сега во моето миризливо срце свети и грее едно малечко сонце.

-Тогаш и јас ќе одам надвор, на сонце, за да ми станат обравчињата румени како твоите – се насмеа Лиле.

-Не, не така! –рече јаготката. – Ти прво треба да се најадеш румени јаготки, па да излезеш на сонце. Дури потоа сонцата од нашите срца ќе минат во твоето тело, а обравчињата ќе ти станат румени.

-А ако не сакам да јадам јаготки? – праша Лиле.

- Тогаш ќе изгаснат нашите мали сонца. - рече тажно  јаготката.

Лиле изми цела чинија јаготки и слатко се најаде. Потоа излезе на сонце да си игра... Обравчињата навистина и станаа румени како јаготки.

Гледате дечиња како сонцата од јаготката што всушност се нејзините  витамини се преселија во обравчињата на Лиле.

А сега дечиња ајде ние заедно да направиме јаготки од кои ќе бидете воодушевени.

ЈАГОТКИ РУМЕНИ:Сите знаеме дека децата сакаат многу да помагаат по дома, а најмногу сакаат да буричкаат по кујната и да манипулираат со кујнскиот прибор. Па ајде да им го овозможиме тоа задоволство. За оваа активност имаме за цел моделирање на јаготки, но наместо пластелин денес ќе користиме тесто за колачи. За ова тесто ви е потребно: 250гр.мелени бисквити, 250 гр.мелени ореви, цеден сок од 1 лимон, 200 гр.шеќер во прав, една белка од јајце, зелена и црвена прехрамбена боја и кристал шеќер и чоколадни трошки за декорација.Ќе го измешате сокот од лимон и белката. Ќе го поделите во два сада и во едниот ќе ставите црвена, а во другиот зелена прехрамбена боја. Потоа ќе ги поделите останатите состојки по пола во двата сада и ќе промешате додека не добиете смеса за моделирање. Со оваа смеса заедно со децата ќе моделирате прекрасни јаготки коишто можете да ги увалувате во кристал шеќер и да ги декорирате со трошки  а на крај ќе може и да ги вкусите, да им се препуштите и да уживате во слатките задоволства приготвени од вештите раце на вашите деца.

СЛОЖУВАЛКИ ЈАГОТКИ: За оваа активност е потребно само лист од блок,молив, дрвени боички и ножички. На листот ќе нацртате јаготка а детето ќе има за цел да ја избои со дрвени боички без да излегува од контурата. Откако ќе ја избои јаготката на целиот лист ќе нацртате две неправилни линии, а тоа ќе треба да ги исече со што ќе добие сопствена сложувалка од јагода, којашто ќе треба да ја сложи.

Може да направите вакви сложувалки и од друго овошје со што детето ќе може да си игра кога и да посака.

ПРЕПОЗНАЈ МЕ ПО ВКУС:За оваа активност е потребно повеќе видови на свежо овошје помеѓу кои и јаготки.Детето треба да е со затворени очи, а вие ќе му давате по едно парче свежо овошје.Цел на детето е според вкусот на овошјето да ја погоди јаготката а со тоа и останатите овошни плодови и да каже кое овошје каков вкус има.

БЕРЕМЕ ПРОЛЕТНО ОВОШЈЕ:  По играњето со сложувалките да излеземе надвор на топлото сонце и да вежбаме берејќи пролетно овошје. Децата нека берат јагоди, па нека берат цреши, но некои цреши се премногу високи нека потскокнуваат за да ги дофатат.

Со овие активности се поттикнува интересот за учење преку игра,

-се поттикнува грубиот и финиот моторички развој,

-се развиваат позитивните емоции кај детето,

-се збогатува активниот речник кај детето,

-се поттикнува интересот кон цртање и обликување на разни едноставни форми,

-се развива координацијата око-рака,

-се поттикнува способноста за препознавање според вкус,

-се развива способноста за изведување на едноставни движења со деловите од телото и целото тело.

Активноста е предлог на воспитувач Е.Пиперевска

Се разбира оваа слатка активност да ја продолжиме и со убава песничка.

https://www.youtube.com/watch?v=AKQwsAf8IQA

Контактирајте нé

Contact Form Demo (#1)
Детска Градинка Астибо © 2024 All Rights Reserved
chevron-down